Нов Mакедонски рекорд за ATV
врска (аматерска телевизија) на 5,76 GHz
На 6 октомври 2024, Николче, Z32TW и јас, Z31RQ,
работејќи од портабл воспоставивме нов далечински рекорд
за двонасочна телевизиска врска на 5,76 GHz (5,5 cm
подрачје - C-Band), на растојание од 65,66 km. Воедно
ова е и најдалечната ATV врска во Македонија на било кој
банд воопшто.
Николче работеше од локација близу до караулата Живојно,
на македонско-грчката граница (локатор: KN00TV24GE), а
јас работев од близу с. Селце, крушевско (локатор:
KN01PK01QA).
Модулација и начин на работа: F3F (фреквентно модулирана
аналогна телевизија). Моќност на предавателите: 30 dBm
(1 W), засилување на антените: 30 dBi (параболични
рефлектори со 8-елементни планарни антени како
илуминатори).
Врската беше успешна од првиот обид, а видео и аудио
сигналот имаа одлична јачина и квалитет со само 1 W
моќност.
Со оваа врска е надминат претходниот ATV рекорд на 5,76
GHz од 47 km помеѓу манастирот Трескавец, прилепско и
Буковски Ливади, Битола.
Станицата на Николче за
5,76 GHz ATV кај караулата Живојно, на
македонско-грчката граница, во подножјето на планината Ниџе. Надморска висина: 765
m.
Мојата станица на
Бушева Планина близу с. Селце, крушевско, на надморска
висина од 905 m.
Трасата на рекордната
телевизиска врска од 65,66 km на карта. Применето е LOS
(line of sight) простирање, односно меѓу двете станици
теоретски постои оптичка видливост. Убава траса за
експерименти на микро-бранови, од релативно лесно
достапни локации со возила.
Поглед преку нишанот од
мојата локација кај Селце преку цела Пелагонија кон
Живојно, на подножјето од планината Ниже. Тоа е
последниот ред планини што се губи во измаглица далеку
на хоризонтот. Се разбира, заради големата далечина
нишанењето е инструментално, со помош на компас и
инклинометар, а не визуелно.
Вертикален профил на
трасата. Заради закривеноста на Земјината топка,
испакнатоста („мевот“) на средината од патеката изнесува
82 m. Најмалку за толку двете станици мораа да бидат над
нивото на Пелагонија. Всушност, моравме да бидеме и
повисоко, бидејќи токму на половина од трасата ридот кај
селото Лознани претставува пречка што мораше да се
надвиши. Радио брановите ја надминуваат препреката за
околу 40 m.
Николче ми дава потврда на приемот на
мојот рапорт и воедно ми дава рапорт за видео (P5) и
аудио сигналот (S9). Примено кај мене близу Селце,
Крушевско.
Поглед преку нишанот од антената на
Николче кај Живојно, преку цела Пелагонија во насока на
с. Селце и Бушева Планина, Крушевско. Локацијата на
Николче е внимателно одбрана и прилично е критична,
заради близината на падината на Селечка Планина (десно)
и потребната надморска висина.
Моите сигнали од Селце,
Kрушевско (повикувачките знаци и рапортот за видео и
аудио сигнал) примени кај Николче, близу Живојно, на
растојание од 65,66 km. Квалитетот и јачината на
сигналите се извонредни.